Technology

16 миљони причини зашто не треба да се гради мост во Аеродром - Прв дел

Изглеа на нас Скопјаните не ни било пишано да здивнеме малце од копање, раскопување, градење..... Не помина ни 1 месец откако град Скопје го најави проектот со Зиплајнот, еве сега се најавува уште еден мега проект, Мост кај Аеродром преку Вардар до Гази Баба. Али да поминам одма на главното.

Зашто ова не е добра идеја:

Под 1. Овој мост е од програмата на Коце, а Коце изгуби на избори што автоматски значи дека Скопјани не го подржале тој проект. Да сакаа Скопјани градоначалник пак да биде Коце и неговите проекти ќе го изгласаа него, а не Шилегов.

Под 2. Ќе се уништи и она малце мир што остана у Аеродром. Како што можете да видите на сликата патот  ќе поминува баш покрај паркот у аеродром. (Види заокружено со жолто) После тоа ќе нема место у Аеродром кај шо ќе седнеш, а да не ти брмчат коли над глава.

Под 3. Сите го знаеме добро познатиот податок дека Аеродром е најзагадена општина у свет. Ко ќе се почне со ова ќе стане најзагадена општина у цел универзум. Пошто исто така знаеме дека и градежништвото е причина за загадување. Ако у Аеродром загадувањето со ПМ честички е у просек 300 микрограми на метар кубен, додека се гради мостот ќе биде загадено барем за 50% поише. Па сеа вие видете.

Под 4. Нормално дека и овој дел од кејот ќе биде 2 години затворен за рекреативци, шетачи, бадијалџии поради изведување градежни работи. А ништо чудно тие 2 години да станат и 3, евентуално 4, а можда и 5, кујзнае. Општо е познато дека кејот у центар е затворен едно 8 години. А затворен е пошто тамо некој добил генијална идеја да изиграва Густав Ајфел покрај Вардар.

Под 5. Добра причина исто така е шо овој мост не беше спомнат у изборната програма на Шилегов, така да ова ни дојде као гром од ведро небо. (Додуше кој уопште па ги чита изборните програми) Не фати малце неспремни, ни напрај сачекуша. Директно меѓу рогови, ждрцааа. Абе полека, чекај малце, дај да размислиме. Можда е добро, али нели ќе дебатираме. Нели секоја одлука ќе ја носите со консултации со граѓаните.

Под 6. Не е добра идеја затоа што приоритетите на градоначалникот на Скопје според она што можевме да го слушнеме на изборите беа: ревитализација на парк шумата Водно, гасификацијата на местата коишто не се опфатени со системот на парно греење, модерни ефикасни и еколошки решенија во јавниот превоз, градење зелени ѕидови од вертикално зеленило и зелени кровови, крај на градежното дивеење, обнова на тротоарите и улиците, парк на покривот на ГТЦ, реконструкција на крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“, пробивањето на булеварот „Илинден“ со нов мост преку Вардар до општината Ѓорче Петров, нова улица меѓу Аеродром и Кисела Вода.

Пешачки мост преку Вардар меѓу Аеродром и Керамидница (кој сега станува мост за коли)(иначе ја лично и за ваков мост сум против, и тоа го има на Вардар), рампи за велосипеди до јавните простори, вело паркинзи, субвенции за купување велосипед, можност за бесплатно оставање на колите на посебни паркиралишта на влезот од Скопје за оние шо доаѓаат од другите градови, а оттаму да продолжат со јавен превоз (идеја за која лично мислам дека е одлична), изградба на нови јавни тоалети и реконструирање на старите (поприоритетно од ова здравје), изградба на зелен коридор покрај реките Серава и Лепенец, со пешачки и со велосипедски патеки. И куп други приоритети. Добијам утисак дека сега за сега се прави све, само не она што беше ветено на избори.

Под 7. Не е добра идеја зато што у Скопје приоритет и понатака ќе се дава на возилата наспрам велосипедистите и пешаците. Да ми простите али у Скопје возењето кола треба да се усложнува, а не да се упростува. До толку да се усложни што секој треба да ја батали колата и да користи јавен превоз. А никој не користи јавен превоз пошто е катастрофа. Стварно е претеризам и понатака у Скопје да се градат булевари, да се прошируваат улици и слично. Чунки Аеродром има трговска размена со Гази баба од 5 миљарди долари па ќе градиме мостови за да ги поврзуваме. Има два моста на растојание од 2 км и тоа е сосем  доволно. Што треба сега, да градиме мостови на секој 100 метри. Е па не се договоривме така.

Под 8. Тука морам да кажам дека малце и цената на чинење на мостот според мене е превисока. 8 миљона евра, и плус 8 за обештетување вкупно 16 миљони евра. Ако го споредиме со мостот кај Транспортен кој кошташе нецели 2 миљони евра, или мостот Близнак кај Ново Лисиче кој коштал 900 000 евра, или пак железниот мост у Влае кој коштал 700 000 евра, да бидам искрен мене лично цената ми е малце пресолена за еден мост. Ја не алудирам на ништо, него само викам да се дигне ручна и да се размисли малце. Телевизор идеш да купуваш па ќе размислуваш 100 пути, а не пак ко ќе почнуваш мост да градиш.

Можам да набрајам уште 16 миљони причини зашто не треба да се гради овој мост, али нема место и се нема време. Како и прошлиот текст така и овој текст  ќе го завршам со мислата која исто така ќе звучи офуцано и банално, - па добро бе, имате ли попаметна работа? Ако се настави со вакви проекти (а ќе се настави) ја више на градоначалнички избори не искачам. Градоначалнички избори здраааво.

16 миљони причини зашто не треба да се гради мост во Аеродром - Втор дел
Прочитано 11867
   
16 миљони причини зашто не треба да се гради мост во Аеродром - Прв дел 16 миљони причини зашто не треба да се гради мост во Аеродром - Прв дел Reviewed by Skopski Solidarec on 24 март Rating: 5

3 коментара

  1. Го пишав ова како коментар кај пријател на Фејсбук кој го сподели линков, па ајде и тука да споделам поинакво гледиште.

    Скопје е многу инфраструктурно недоразвиено. Овој мост е зацртан во Генералниот Урбанистички План (ГУП) повеќе од 50 години и претставува сосема природно поврзување на коридори кои сега се блокирани и одвоени. Значи не претставува некоја нова идеја туку е објективна потреба за големата слика и големото добро за Скопје.

    Не може да стоиме и да не се развиваме бидејќи според логиката на авторот градилиштето кревало прашина. Така значи ништо не треба да изѕидаме наредни 100 години и да стоиме во место.

    Општина Аеродром ќе добие нов коридор, кој ќе овозможи да не се врти во круг и загадува и заглавува со километри за да се стигне на локации кои се физички многу блиску. Ќе го поврзе Аердором поблиску со Центар + северните општини.

    Мостот ќе биде вело-пријателски, па и студентите од Аердром за многу кусо време ќе можат со велосипед да стигнат до УКИМ.

    Ќе отвори нови линии на Јавниот превоз и ќе го открчи она тесно грло под железничка. Овозможувајќи на граѓаните полесно и побрзо да комутираат.

    Ќе повлече урбанизирање на Ќерамидница и цел тој предел таму отаде Вардар кој во сега е картон-населба.

    Мостот ќе го растерети мосот Близнак кај ФОН кое е тесно грло за идниот секундарен булеварски прстен кој треба итоа како да помогне за растеретување на собраќајниот метеж во целиот град. Собраќајот да врти од околу, а не да мора низ Центар да проаѓа и таму сите да заглавуваат во гужвата.

    Има уште многу аргументи, но овие вака набрзина ми текнуваат како главните...

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Фала за коментарот. Многу коментари се поклопија со вториот дел од текстот кој морав да го поделам ради должината. Дугачки текстови не се читаат. Така да одговор на ова и на многу други коментари наскоро во вториот дел. Поздрав.

      Избриши
    2. 16 миљони причини зашто не треба да се гради мост во Аеродром - Втор дел
      https://skopski.blogspot.mk/2018/03/16_29.html

      Избриши

Напомена: Само члан овог блога може да постави коментар.

Recent News

Related Posts No. (ex: 9)