Technology

Проект: 100 згради (Општинска какофонија)

👀
Најголем противник на СДСМ во моментов не е ВМРО - ДПМНЕ, најголем противник на СДСМ се всушност градоначалниците и советниците од Скопските општини од редовите на СДСМ.


Градоначалникот на Кисела Вода и советниците од редовите на СДСМ си донеле ДУП во кој се предвидуваат 100 згради кај Расадник. Образложението е дека со тоа ќе се средел тој дел од општината  кој е запуштен со децении. Поглупо образложение здравје. Прво, ко ќе почне да се гради тоа нема да биде готово за месец-два, нема да биде ни за година-две, туку ќе се гради со години и години. Моја претпоставка дека таму нема да има раат над 20 години, ако не и повеќе. Па еве земете го за пример Дебар Маало, таму веќе се гради 30 години. Се гледа ли крајот? Земете го Аеродром за пример, таму се гради веќе над 10 години. Се назира ли крајот? Не би рекол. Немој да ве лажат дека некој нешто ќе среди со градењево. Баш обратно е, Скопје поради тоа градење е во еден општ хаос. Така да изјавата дека тој дел ќе се средел се само прикаски за мали деца. А и тогаш ко ќе се изгради таму ќе се почне на друго место, нема крај на тоа. Или среди го ако е запуштен, направи парк, засади дрвца, засади понекое џбунче, засади тополи. Со згради ли ќе се средува?! Градоначалникот на К.В. со советниците упорно продолжуваат да го срозуваат рејтингот на СДСМ. Додуше мене ми се чини дека они се секираат за рејтингот на СДСМ, а посебно за граѓаните на Кисела Вода и на Скопје исто како и за ланскиот снег.

Градоначалникот на Карпош ми е малце нејасен. Во ист текст кажува дека нема да има населба во Трнодол, а во другиот дел од тој ист текст кажува дека оној што ќе гради е должен да направи геомеханички истражувања на земјиштето и доколку има потреба да постават шипови за да се направи стабилизација на земјиштето. Значи и нема да се гради ама и ќе се гради. Само не знам дали на него му е јасно дека во Трнодол не смее да се гради ниту со шипови ниту без шипови, ниту никако. Не зато што некој сака да го кочи прогресот у тоа маало туку затоа што не смее да се гради поради еколошки и безбедносни причини. И ниеден потпорен зид нема да спречи катастрофа ако тамо почнат да никнуваат згради. Мене не ми е јасно кој тоа таму би имал храброст да купи стан ако се направи зграда. Али ете не ми беше јасно ни за Водно кој купува ама купуваат. Можам да се опкладам дека и во Карпош си тече проектот 100 згради. А додека они носат дупови спротивни од желбите на граѓаните, рејтингот на СДСМ полека ќе си паѓа.

Градоначалникот на Аеродром си тера по старо и ако на СДСМ не ги интересира колку овој човек им го руши рејтингот мене па ич. Можам само да ви кажам дека во наредниот период и во блиска иднина ќе се изненадите кај се ќе никнуваат згради во таа општина. Таму проектот 100 згради одамна е надминат.

Градоначалникот на Ѓорче Петров и советниците од СДСМ се исто така расположени за градење. И они си донеле ДУП со кој се предвидува изградба на 100 згради. (тамо више е отпочнато со проектот) Али Ѓорче Петров не е славна општина како овие другиве па така оваа градежна офанзива во Ѓорче поминува незабележително. Градоначалникот на Ѓорче релаксирано си потпишува градежни дозволи без многу да се замара со правдања. А дали се свесни у СДСМ каква штета нанесува дотичниов градоначалник на нивната партијата? Изгледа не.

Стигнавме до Маџар Маало каде што исто се предвидува изградба на 100 микс зданиа од згради, мотели, хотели и што уште не. Само што за разлика од другиве маала овој дел е под мораториум па моментално се води битка што ќе се гради и како ќе се гради. Ја само се надевам дека Богдановиќ и Белева ќе успеат да го намалат бетонот во тој дел од градот за општо добро. Инаку во Маџар Маало пола жители биле да се гради, пола не. Тие што сакале да се гради според муабетите што кружат, за својте „трошни“ куќи требало да добијат по 3 стана. Некои и не живеат таму па само чекаат да се опарат. Тука завршува нивната заинтересираност за хумано живеење и чист воздух.

Градоначалникот на Центар моментално е единствениот градоначалник од редовите на СДСМ кој сака да промени нешто. Еднаш напишав дека не се знае до кога ќе тера со мораториумот поради тоа што нема подршка од никого. И како што читам почнале полека да му откажуваат послушност советниците од Центар од неговата партија. Барале да се престане со мораториум пошто на општината и требале парите што ќе ги земеле од комуналиите за нови проекти. Да ти се плукнам и на општина и на држава која опстанува со пари од комуналии. Мада јасно ни е дека на таквите ги засврбе за проектите, во прашање е нешто друго.

Иначе на сите ни е јасна прикаскава со комуналиите. Тачно е дека се земаат пари за комуналии. Али тие пари после одат за да се направи улица, канализација и други потребштини само за оние места каде што ќе се градат зградите за кој е платено комуналија. А не ретко асфалтираат и улица која предходно е уништена од бетоњерките, ете каде одат парите од комуналии. Ако се собере и поголема сума од комуналии може и некоја градинка да се изгради. Не иде на 100 згради да нема ни една градинка. Значи, прикаските дека парите од комуналии ќе се искористеле за нови проекти во тие општини се навреда за интелигенцијата на граѓаните.

Градоначалникот на Скопје овој пат ќе го одминам. Само ќе го подсетам дека освен новогодишната елка од луѓе за Гинис, Скопје може да се пофали со уште еден рекорд за Гинис, а тоа е затворениот дел на Кеј (пред или после Камени мост, зависи од кај идете) кој е непрооден еве веќе близу 10 години. Не знам дали новогодишната елка од луѓе влезе во Гинис, али затворениов дел на кеј дефинитивно би влегол. Ова нигде го нема. Овој дел воопшто е целиот во хаос од неизградени објекти. А има само две решенија за да се среди хаосот, или се да се сруши и да се врати во првобитна состојба како што беше во златното време на Скопје, или да се доправи. Ете, до толку е едноставно, или-или. А може и да не со рчка и да се остави како што е и понатака, само нека не се чуди после зашто освен неговиот паѓа и рејтингот на СДСМ.

Ама тука не се работи само за рејтинзите, они паѓаат па пак растат. Ќе помине некоја година се ќе заборавиме и пак ќе си гласаме за нив. Еве на ВМРО - ДПМНЕ се му заборавивме што направи од Скопје и спремни сме пак да им го дадеме гласот. Еве сега слушам како се фалат по пресови дека они имале знаење како да се справат со загадувањето и со градежниот хаос. Ние имаме кратко памтење и затоа се вртиме во круг еве веќе 30 години.

Со вакви градоначалници и советници, тука мислам и на предходните и на сегашните, а и на тие идните чистиот воздух ќе биде само мисловна именка. Гледате и сами што се случува, 100 згради во Кисела, 100 згради во Аеродром, 100 згради во Ѓорче, 100 згради во Центар, 100 згради во Карпош... од сите страни сме сардисани. Го направија градов кочина за свој лични интереси. Бидете будни, спијте со едно око отворено, ако успеат да го реализираат овој проект 100 згради во секоја општина тек тогаш ќе биде тешко нас. Сите градоначалници да воведоа мораториум во својте општини можеби ќе беше поинаку, а зашто не воведоа на сите ни е јасно. Понекогаш се прашувам, дали владата предводена од СДСМ има механизам да си ги заузда овие свои градоначалници и советници. Ако има што чека? Они ќе си го подобрат рејтингот, а ние воздухот. Ја само уште еднаш ќе си кажам, Скопје со 10+8 општини не го бива.

Проект: 100 згради (Општинска какофонија) Проект: 100 згради (Општинска какофонија) Reviewed by Skopski Solidarec on 26 децембар Rating: 5

Нема коментара

Напомена: Само члан овог блога може да постави коментар.

Recent News

Related Posts No. (ex: 9)